Блокада на Плетвар: Сообраќајот во прекин поради протести
04/02/2026 13:58
Од 11:30 часот денеска започна најавен јавен собир на околу 150 лица од ромска националност поради измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП), при што е блокиран магистралниот пат А1 Прилеп–Градско кај крстосницата за селото Ореовец, на планинскиот превој Плетвар.
Како што информира Авто мото сојуз на Македонија (АМСМ), патниот сообраќај на оваа делница е целосно во прекин во двата правци. На местото на блокадата се поставени возила, гуми и други предмети, поради што не е можен премин на возила.
Истовремено, кај Касарната во Кичево е блокирана една сообраќајна лента во правец од Скопје кон Охрид. Сообраќајот се пренасочува преку регионалниот пат кон Осломеј, додека лентата во правец од Охрид кон Скопје е слободна за движење.
АМСМ информира дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост од 30 до 40 метри поради магла има на патниот правец Попова Шапка – село Лисец.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои зголемен ризик од одрони. Посебна внимателност се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.






