Протести и блокади: Запалени гуми во Кочани и прекинат патот Битола–Ресен
03/02/2026 21:11
Попладнево се одржаа два одделни протести во различни делови од земјава, кои резултираа со нарушување на јавниот ред и сериозни проблеми во сообраќајот.
Во кочанската населба Трајаново Трло, во Кочани, граѓани организираа протест поради новиот закон за одземање на возила управувани без возачка дозвола. За време на собирот беа запалени гуми на улицата „Цветан Димов“, што предизвика кратка, но тензична интервенција на надлежните служби. Противпожарните екипи и полицијата брзо реагираа, го изгаснаа огнот и го прекинаа протестот.
Надлежните институции најавија дека ќе постапуваат согласно закон, оценувајќи дека ваквиот начин на изразување незадоволство претставува нарушување на јавниот ред и мир и може да има и кривична одговорност.
Во исто време, околу 200 граѓани го блокираа патниот правец Битола–Ресен, предизвикувајќи целосен прекин на сообраќајот во двата правци. Блокадата беше поставена кај локацијата позната како Ромска населба, со палење и поставување гуми на коловозот.
Протестот е реакција на одземањето на три возила од страна на полицијата, а демонстрантите го изразија своето незадоволство од измените во Законот за сообраќај. Поради блокадата, возачите се принудени да користат алтернативни патни правци, додека на терен се присутни полициски екипи кои го регулираат сообраќајот и се грижат за безбедноста на граѓаните.






