Уапсен осомничен за фрлање бомба во двор на куќа на Дедиње – медиумите тврдат дека станува збор за домот на Здравко Чолиќ
05/02/2026 10:27
Српската полиција уапси едно лице осомничено дека, заедно со уште едно лице по кое интензивно се трага, активирало и фрлило рачна граната во дворот на семејна куќа во белградската населба Дедиње, со што била предизвикана материјална штета, соопшти доцна синоќа Министерство за внатрешни работи на Србија.
Инцидентот се случил во вторникот околу 04:52 часот. Според српските медиуми, експлозивната направа била фрлена во дворот на куќата на познатиот пејач Здравко Чолиќ, кој во моментот на нападот не се наоѓал во Србија. Во куќата, како што се наведува, биле неговата сопруга и ќерката, но за среќа никој не е повреден.
Екслузивно: Фрлена бомба во домот на Здравко Чолиќ на Дедиње, пејачот бил дома
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека апсењето го извеле припадници на МВР на Србија, Полициската управа на градот Белград и Управата за криминалистичка полиција, во координација со Вишо јавно обвинителство во Белград и Безбедносно-информативна агенција.
Уапсеното лице, С.М. (1993 годиште), се сомничи за кривично дело недозволено производство, поседување, носење и тргување со оружје и експлозивни материи, како и за предизвикување општа опасност. Тој ќе биде изведен пред Вишото јавно обвинителство во Белград, додека истрагата за мотивите и евентуалните нарачатели на нападот е во тек.






