MKinformer

your daily dose of news

Поднесена кривична пријава против две лица учесници на протестите во Битола

06/02/2026 12:02

Независен полициски синдикат поднесе кривична пријава против две лица од Битола, кои на социјалните мрежи и јавно упатувале закани за тепање и убивање полицајци за време на протестите поврзани со одземањето возила управувани без возачка дозвола.

Од синдикатот информираат дека заканите биле упатени директно кон полициски службеници кои постапувале согласно законските надлежности. Тие очекуваат Основно јавно обвинителство Битола итно да постапи и да побара мерки, вклучително и притвор, како што, според нив, се постапува и во случаи кога предмет на истрага се полициски службеници.

„Поднесена е кривична пријава против лица кои јавно се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да го спроведат законот. Доколку институциите не реагираат навреме, нивното непостапување нема да остане незабележано“, соопштија од Независниот полициски синдикат.

Едно од пријавените лица, Рафет Мемишовски, подоцна јавно се извини на социјалните мрежи за упатените закани. Во видео-обраќање тој наведе дека бил под силен стрес и револт откако полицијата му го одзела автомобилот на неговиот братучед, кој управувал возило без возачка дозвола. Мемишовски неколкупати истакна дека таквото однесување нема да се повтори и дека во иднина нема да упатува закани.

Инаку, изминатата недела во Штип и Прилеп, покрај Битола, беа организирани протести со блокади на патишта, при што демонстрантите палеа гуми и дрва. Протестите беа реакција на полициските акции за одземање возила управувани без возачка дозвола, мерка што предизвика силни реакции во дел од јавноста.

error: Содржината е заштитена од копирање !!