MKinformer

your daily dose of news

Поранешна обвинителка со тешки обвинувања за СЈО: Политички притисоци, финансиски злоупотреби и манипулации со предмети

08/02/2026 13:23

Jавноста се брануваше и следеше силна реакција откако поранешната обвинителка на Специјално јавно обвинителство и сегашна адвокатка Лејла Кадриу излезе со серија шокантни тврдења за начинот на функционирање на СЈО, обвинувајќи за директни политички интервенции, незаконско управување и финансиски злоупотреби.

Кадриу изјави дека го напуштила СЈО по само три месеци, откако тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева ѝ соопштила дека „не е партиски играч“. Според неа, обвинителството било под силно политичко влијание, а високи функционери на СДСМ, меѓу кои Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Зоран Заев, лично доаѓале во просториите на СЈО и давале насоки за распределба на предмети.

Според Кадриу, во тие процеси клучна улога имал обвинителот Гаврил Бубевски, кого таа го посочува како фактички водач на СЈО, додека Јанева, според нејзините зборови, била избрана поради лични амбиции и јавна популарност, а не поради професионален капацитет. Во тимовите, како што наведува, учествувала и обвинителката Ленче Ристоска.

Кадриу тврди дека поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје Владимир Панчевски бил цел на, како што вели, монтирани предмети, откако одбил СЈО да постапува спротивно на законот при распределба на судии и изнесување судска документација.

„Јас сум жена од милион долари“

Во делот за финансиското работење, Кадриу тврди дека Јанева пред колегите изјавувала дека има „вишок“ од околу еден милион евра во буџетот на СЈО и дека се барал начин тие средства да не се вратат во државниот буџет. Таа наведува дека СЈО немало стручен финансиски кадар, а со средствата управувала заменичката Елизабета Јосифовска.

Кадриу зборуваше и за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица, обвинувајќи за сериозни пропусти во истрагата и директна одговорност на институции и функционери. Таа тврди дека причината за пожарот била лошо инсталирана електрична енергија и дека модуларните болници биле изградени со значително поевтини и небезбедни материјали, иако биле потрошени десетици милиони евра.

Според неа, главната одговорност лежи кај Министерството за здравство и тогашниот министер Венко Филипче, како и кај комисиите и изведувачите. Таа тврди дека била суспендирана од работа откако побарала дополнително градежно вештачење.

Кадриу денес работи како адвокат и нагласува дека сите нејзини изјави се темелат на лично сведоштво и професионално искуство. До овој момент, засегнатите лица немаат јавно дадено одговор на конкретните обвинувања.

error: Содржината е заштитена од копирање !!