(Видео)Тирана во пламен: Ескалираа антивладините протести против Рама
11/02/2026 22:49
Жестоки судири меѓу демонстранти и полицијата ја одбележаа антивладината акција во Тирана, на која опозицијата побара оставка од премиерот Еди Рама поради обвинувања за корупција.
Протестот, организиран од здружената опозиција предводена од Демократска партија на Албанија, започнал мирно во центарот на албанската престолнина. Сепак, во вечерните часови ситуацијата ескалирала кога дел од демонстрантите почнале да ја гаѓаат зградата во која се наоѓа канцеларијата на премиерот со огномет и молотови коктели.
Полицијата возвратила со водни топови и солзавец, а во центарот на градот биле распоредени околу 1.400 полицајци. Според официјалните податоци, приведени се 21 лице, меѓу кои и четворица тинејџери.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека биле запленети 22 неексплодирани молотови коктели и повеќе шишиња со запалива течност. Во судирите се повредени најмалку 16 полицајци, додека албанските медиуми јавуваат и за повредени демонстранти, без да прецизираат точен број.
Во текот на немирите било запалено и возило на телевизијата ABC, при што е предизвикана значителна материјална штета.
Политичките тензии во Албанија се зголемуваат во пресрет на најавените нови протести, додека опозицијата најавува продолжување на притисокот врз владата.






