„Движење Беса“ се распушта: Отворен патот за спојување во „Вреди“ како еден политички субјект
12/02/2026 23:01
Централното собрание на Движење Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на ова партиско тело, со цел партијата да стане дел од процесот за спојување на повеќе политички субјекти во рамки на Вреди (ВЛЕН) како единствен политички субјект.
Одлуката беше донесена по час и половина заседавање во партиското седиште во Тетово.
Претседателот на партијата, Биљал Касами, изјави дека Собранието оценило оти треба да се отвори патот за структурирање на „Вреди“, врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите кои ја сочинуваат коалицијата.
– Собранието ме овласти да ги продолжам разговорите за иднината на ВЛЕН, со цел спојување во еден субјект, во согласност со принципот на правда и волјата на гласачите – истакна Касами.
Анализа на функционерите во Владата
На состанокот била разгледана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата. Касами посочи дека партијата има капацитет за поголеми резултати и дека анализата ќе продолжи во наредните денови, а наодите ќе се рефлектираат во евентуалната реконструкција на Владата.
Тој нагласи дека позициите во Владата се средство за поефикасна служба на граѓаните, особено на Албанците, и дека сите идни одлуки ќе се водат од тој принцип.
На прашањето дали ќе биде претседател на новата заедничка партија, Касами одговори дека постојат повеќе опции.
– Доколку заеднички процениме дека треба да преземам одговорност, подготвен сум – рече тој.
Лимани: Да не се наруши структурата на ВЛЕН
Во фокусот беше и позицијата на функционерите, вклучително и на Фатмир Лимани. Пред седницата, Лимани изјави дека неговата работа во изминатите 16–17 месеци ќе биде клучен фактор при оценката за неговиот понатамошен ангажман.
– Не треба да создаваме простор за други структури да станат дел од Владата. Потребна е разумност и стабилност – изјави Лимани.
Касами, коментирајќи ја изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека тој е носител на мандатот за составување Влада, рече дека се свесни за тоа, но додаде дека додека станува збор за политичка влада во која учествува Беса како дел од ВЛЕН, партијата ќе одлучува за своите предлози за министри.
Процесот на спојување во рамки на ВЛЕН се очекува да продолжи во наредниот период, додека партиските структури ќе ги дефинираат идните чекори.






