Гоце Наумовски предложен за уставен судија – ќе се гласа на 18-ти во Собранието
12/02/2026 17:33
Професорот на Правен факултет „Јустинијан Први“, Гоце Наумовски, е предложен за нов уставен судија. Неговото име доаѓа како предлог од Комисијата за избори и именување, а гласањето во Собранието се очекува на 18-ти овој месец.
Наумовски е редовен професор на катедрата по Римско право и предава повеќе предмети, меѓу кои Право и информатичка технологија, Право на трговски марки и географски називи, Патентно право, Спортско право, Реторика, Интелектуална сопственост и Правна аргументација.
Тој воедно е и надворешен советник на премиерот Христијан Мицкоски, а е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски.
Наумовски треба да го замени местото на професорката Јадранка Дабовиќ, која поднесе оставка од приватни причини.
Доколку добие поддршка од мнозинството пратеници, Наумовски ќе стане дел од Уставен суд на Република Северна Македонија, институција која има клучна улога во толкувањето на Уставот и контролата на уставноста и законитоста во државата.






