MKinformer

your daily dose of news

Крави повторно шетаат низ Крива Паланка: Граѓаните најавуваат протести ако нема решение

12/02/2026 0:48

Жителите на Крива Паланка повторно се соочуваат со проблемот со слободно движење на крави низ градските улици. Според тврдењата на граѓаните, добитокот, кој е во сопственост на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), предизвикува материјална штета и го нарушува секојдневното функционирање на градот.

По снимките објавени на социјалните мрежи, дел од жителите изјавија дека животните можат да се забележат и во самиот центар на Крива Паланка, што дополнително ја отежнува состојбата. Доколку институциите не изнајдат трајно решение, тие најавуваат можни масовни протести.

Според дел од паланчани, во овој период од годината кравите се во активна потрага по храна и често се движат во близина на пазарите и продавниците, при што посегнуваат по изложената стока на тезгите.

Телевизија 24 побарала став од АХВ во врска со мерките што се преземаат за надминување на проблемот, но до објавувањето на прилогот не бил добиен одговор.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, изјави дека состојбата подолго време е иста на терен, но дека е во постојан контакт со АХВ и се подготвуваат активности за решавање на проблемот.

Жителите очекуваат конкретни чекори и брза реакција од надлежните институции за да се спречи понатамошна штета и да се врати нормалното функционирање во градот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!