MKinformer

your daily dose of news

Во Тетово се породила жена која 20 години ја воделе како почината

13/02/2026 15:38

Тројца вработени во Центарот за социјални работи во Тетово пријавиле во полиција сомневање за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, откако откриле дека 27-годишна жена која неодамна родила дете, во службената евиденција се водела како почината речиси 20 години, пренесува порталот „Тетово инфо“.

Според информациите од полицијата, на 21 јануари 2026 година во Центарот пристигнало известување од Управата за водење матични книги дека на 8 декември 2025 година во Клиничка болница Тетово е родено женско дете од мајка А.С. (27). Меѓутоа, при постапката за регистрација на новороденчето, било утврдено дека мајката во системот се води како почината од 21 октомври 2006 година.

Од МВР информираат дека жената била повикана да се јави во Центарот за социјални работи заедно со новороденчето.

„По преземени мерки и испратени покани, на 12.02.2026 лицето А.С. се појавила во Центарот за социјални работи со новороденото дете заедно со едно машко лице, но не приложиле никаков документ за идентификација. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот“, соопштија од полицијата.

Случајот отвора сериозни прашања за евентуални административни пропусти или злоупотреби во системот на матична евиденција, а надлежните институции најавуваат детална проверка.

error: Содржината е заштитена од копирање !!