MKinformer

your daily dose of news

Променливо и дождливо време денеска, викендот со пообилни врнежи и можни невремиња

13/02/2026 10:12

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони, информира Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР).

На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се движи од 4 до 9 степени, додека максималната ќе достигне меѓу 8 и 13 степени.

Времето во Скопје

Во главниот град ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7 степени, а максималната ќе достигне до 12 степени.

Што нè очекува викендот?

За утре УХМР најавува променливо облачно време со слаб локален дожд, додека долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер.

Во текот на викендот, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, се очекуваат врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни, над 30 литри на метар квадратен. Локално ќе има услови за краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер.

Во почетокот на следната седмица се очекува заладување, со врнежи кои претежно ќе преминат во снег.

error: Содржината е заштитена од копирање !!