Променливо облачно со дожд и заладување: Нови врнежи и снег на планините од недела
06/02/2026 10:02
Времето денеска претпладне ќе биде променливо облачно, а во западните делови од земјава ќе има врнежи од дожд. Попладне услови за дожд ќе има и во источните региони. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, информира Управа за хидрометеоролошки работи.
Минималните температури ќе се движат од 2 до 6 степени, додека максималните дневни температури ќе достигнат од 8 до 14 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец, минималната температура ќе се спушти до 4 степени, а максималната ќе достигне околу 11 степени.
Според најавите од УХМР, утре ќе се задржи променливо облачно време со повремен слаб дожд, освен во западните делови каде што ќе биде облачно со пообилни врнежи од дожд, над 15 литри на квадратен метар. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Нови врнежи се очекуваат во недела и на почетокот на следната седмица, кога ќе настапи заладување. Врнежите ќе бидат од дожд, а на планините и во повисоките места ќе преминуваат во снег.
🚗 Состојба на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви, а на одредени места и влажни коловози, соопшти Авто мото сојуз на Македонија.
Намалена видливост поради магла има:
-
до 50 метри во околината на Гевгелија,
-
до 100 метри во Струмица, Неготино и Сарамзалино,
-
до 150 метри кај Демир Капија.
Сите патни правци се проодни, интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања.
АМСМ апелира на прилагодена брзина и внимателно управување, особено на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево, каде постои можност од одрони.



