Тошковски со нови детали за трагедијата во Карпош: Под истрага постапувањето на институциите
03/03/2026 16:51
Трагичниот настан во скопската населба Карпош, во кој животот го загубија Ивана и нејзиното шестгодишно дете по пад од тераса на станбена зграда, отвори сериозни дилеми за институционалното постапување во случаи на семејно насилство.
На прес-конференција, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изнесе нови детали за случајот и најави целосна анализа на постапувањето на надлежните органи.
Осомничен за повеќе кривични дела
Во врска со случајот, Стојанче Јовановски е лишен од слобода и осомничен за наведување на самоубиство, нанесување тешки телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Министерот посочи дека ќе се утврдува дали претходно дадената изјава од страна на жртвата била дадена под страв, притисок или закани.
Тој нагласи дека не може да тврди оти сè било спроведено „100 проценти перфектно“ и дека ќе се анализираат сите аспекти на постапувањето.
Законски измени и службена должност
Според Тошковски, со последните законски измени полицијата има проширени овластувања да постапува по службена должност, особено во случаи кога се констатираат видливи телесни повреди.
„Во такви случаи, жртвата нема да може да го повлече предметот, а Министерството ќе мора да продолжи со постапката“, изјави министерот.
Во моментот на трагедијата, сопругот не бил присутен во станот на улицата „Теодосиј Гологанов“, каде што се случил настанот.
Претходни пријави и инспекциски надзор
Министерот информираше дека во изминатите две години против осомничениот биле поднесени десет кривични пријави поврзани со имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога, како и дека му биле изречени мерки на претпазливост.
Во текот на 2025 и 2026 година биле евидентирани повеќе пријави за нарушени односи меѓу сопружниците, но оштетената се повлекувала од постапките.
Во меѓувреме, Министерство за социјална политика, демографија и млади соопшти дека е извршен вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи – Скопје.
Според првичните информации, случајот бил евидентиран во Центарот на 7 октомври 2025 година по барање на Основниот граѓански суд во постапка за развод, додека допис од Министерство за внатрешни работи поврзан со пријавено насилство бил доставен на 2 февруари 2026 година.
Инспекцискиот надзор е во тек, а надлежните најавуваат транспарентно информирање по неговото завршување.