Трендафилов: На 14 март на протест, не очекувајте друг да се бори за вашата плата
11/03/2026 15:45
Сојузот на синдикати на Македонија најави работнички протест што ќе се одржи на 14 март во 12:05 часот, со главно барање за повисоки плати и зголемување на минималната плата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повика на масовна поддршка, порачувајќи дека работниците не треба да очекуваат некој друг да се избори за нивните примања. Според него, најавеното усогласување од 1.667 денари само за минималната плата е недоволно во услови кога трошоците за живот постојано растат.
Трендафилов истакна дека дополнителен проблем е и зголемувањето на вредноста на синдикалната минимална кошница, која за само два месеци пораснала за 2.000 денари. Тој оцени дека ваквото покачување не одговара на реалните потреби на работниците и на економската состојба во која живеат граѓаните.
Според него, податоците на Управата за јавни приходи покажуваат дека околу 160.000 работници во државата примаат плата под прагот на сиромаштија, што, како што нагласи, е јасен показател дека се потребни итни мерки за подобрување на стандардот.
Претседателот на ССМ се осврна и на седницата на Економско-социјалниот совет, посочувајќи дека по протестното напуштање од страна на синдикатот, немало услови за полноправно одлучување за усогласување или утврдување на минималната плата.
ССМ со ултиматум до Владата: Ако нема плата од 600 евра, следува генерален штрајк
Тој додаде дека, според законските процедури, за утврдување на новата минимална плата е потребно мислење од Економско-социјалниот совет, во кој треба да учествуваат сите репрезентативни организации на работниците и работодавачите.
ССМ бара минималната плата да изнесува 600 евра, како и зголемување на останатите плати за 6.000 денари.





