Каја Калас со жестока порака: САД сакаат да ја поделат Европа
13/03/2026 10:11
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, оцени дека Соединетите Американски Држави водат политика што има цел да ја ослаби европската кохезија и да ја подели Европа.
Во интервју за „Фајненшал тајмс“, Калас порача дека Вашингтон јасно покажува оти не ја поддржува Европската Унија како силен и единствен политички блок. Нејзината изјава доаѓа по долг период на заладени односи меѓу Брисел и Вашингтон.
„Она што мислам дека е важно сите да го разберат е дека САД беа многу јасни дека сакаат да ја поделат Европа. Тие не ја сакаат Европската Унија“, изјавила Калас.
Нејзините коментари се надоврзуваат на сè поострите несогласувања меѓу Европската Унија и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Во изминатиот период, Трамп во повеќе наврати испраќаше критики кон ЕУ, а неговата администрација воведе и царини за земјите членки на Унијата.
Дополнителни тензии предизвика и отворањето на прашањето за Гренланд, потег што според дел од аналитичарите може сериозно да влијае врз односите внатре во НАТО и врз трансатлантското партнерство.
Во меѓувреме, Вашингтон отвори и нови трговски постапки против Европската Унија и повеќе големи економии, меѓу кои Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореа и Мексико, повикувајќи се на наводни нефер трговски практики.
Калас предупреди дека европските држави не треба поединечно да влегуваат во преговори со Трамп, туку мора да настапуваат координирано и како единствен блок.
„Кога сме обединети, ние сме еднаква сила“, порача таа.
Осврнувајќи се и на безбедносниот сектор, Калас призна дека Европа сè уште нема доволно силни сопствени одбранбени капацитети. Сепак, таа нагласи дека Европската Унија мора многу посериозно да инвестира во развој на домашната одбранбена индустрија, иако во меѓувреме ќе продолжи да купува воена опрема од САД.
Изјавите на Калас отвораат нова дебата за иднината на односите меѓу ЕУ и САД, во период кога политичките, трговските и безбедносните прашања сè повеќе ја тестираат стабилноста на западниот сојуз.






