Нема повластени за тутунскиот закон, вели премиерот
30/05/2026 14:02
Мицкоски за законот за тутун: „Нема да има повластени, инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија“
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи не е изработуван ад-хок, ниту по принцип на сила, туку преку инклузивен процес со консултации на сите засегнати страни. Негова единствена цел е, како што нагласи, да има што е можно помалку лица кои консумираат тутун.
Инклузивен процес без алхемија
Мицкоски, кој заедно со министерот за здравство Азир Алиу имаше состанок со еснафските здруженија и заинтересирани страни, рече:
„Сакам да бидам краток и прецизен кога станува збор за ова законско решение, коешто како и многу други законски решенија коишто можат да поларизираат, не беше носено ад-хок, ниту беше носено по принципот на сила, туку во еден инклузивен процес, заедно во консултации со сите засегнати страни, со здруженијата, со производителите, со дистрибутерите, со хотелиерите, со луѓето коишто имаат свои ресторани, ноќни клубови…“
Тој нагласи дека целокупниот процес создал производ од кој сите треба да бидат подеднакво незадоволни.
„Затоа што кога работите еден ваков закон, не можете сите да излезете подеднакво задоволни, затоа што тоа не е можно, тоа е алхемија, а ние не сме алхемичари, ниту пак чудотворци. Тој што вели дека е чудотворец, не ја говори вистината.“
Според него, на крајот од процесот сите имаат по малку ограничено незадоволство, но сите се среќни затоа што е постигнат заеднички компромис.
Нема повластени региони и градови
Премиерот нагласи дека нема да има повластени во однос на примената на законот, без разлика во кои делови од градот или државата се наоѓаат.
„Морам да признаам дека и до сега имаше одредени законски решенија коишто, за жал, не беа применувани онака како што сите ние очекувавме. Верувајте ни, инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата. Ова го повторувам, на целата територија на државата, нема да има повластени региони, градови, населени места и така натаму, каде што ќе нема да се почитува законот. И за ова јас ви гарантирам и тука ќе нема никаков пардон.“
„Еднаш можете да поминете, третпат сигурно ќе бидете фатени“
Мицкоски упати јасна порака до сите кои би помислиле дека можат да го заобиколат законот:
„Ако некој мисли дека ќе биде повластен, па бил близок со овој, оној, па нема да го почитува законот, па него немало да го фатат и слично, се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, ако не ве фатиме, па дури и вторпат, но третпат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани. Така што, еве ова е мојата конечна порака.“
Законското решение очекувано во вторник на Влада
Мицкоски очекува законското решение во вторник да се најде на седница на Влада и апелира тоа да биде што побрзо донесено. Тој изрази надеж дека доследната примена на овој закон ќе даде позитивни резултати кога станува збор за здравјето на луѓето.
По обраќањето на премиерот, пред присутните во врска со ова законско решение се обрати и министерот за здравство Азир Алиу.




![Втop cocтaнoк на работната група за кaнaбиc, дeфиниpaни пoимитe дeкpиминaлизaциja, лeгaлизaциja и дeпeнaлизaциja kanabis-biznis[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/kanabis-biznis1.jpg)

