MKinformer

your daily dose of news

Левица: Баравме една изборна единица и укинување на парите за рекламирање, за ДПМНЕ тоа беше неприфатливо

03/07/2026 11:09

Левица обвини дека во работната група за изборните измени барала воведување една изборна единица и целосно укинување на парите за платено политичко рекламирање, но дека за ДПМНЕ ваквите предлози биле неприфатливи.

Од партијата реагираат на обвинувањата од ДПМНЕ, оценувајќи ги како „трагикомични“.

Според Левица, тие доаѓаат од партија која, како што тврдат, добива најголем дел од средствата за платено политичко рекламирање и располага со најголема партиска каса.

Левица: Фактите целосно ги демантираат обвинувањата

„Фактите ги демантираат во целост. Левица во работната група пред сѐ бараше промена на изборниот модел во една изборна единица и, како најразумно решение, бараше целосно укинување на парите за платено политичко рекламирање“, наведуваат од партијата.

Од Левица тврдат дека, откако другите партии не се согласиле со целосно укинување на средствата за рекламирање, предложиле парите да се распределуваат подеднакво за сите учесници во изборниот процес.

Но, како што додаваат, ниту тој предлог не бил прифатен.

„Одбиваат фер почеток“

Од партијата оценуваат дека одбивањето на ваквите предлози покажува дека големите партии не сакаат рамноправни услови за политичка конкуренција.

„Оваа упорност во одбивањето на секоја варијанта на фер почеток и избори открива нешто подлабоко од обична финансиска пресметка“, велат од Левица.

Според нив, партиите кои ја граделе својата предност преку нееднаков пристап до ресурси се плашат од секое сценарио во кое таа предност би се намалила или избришала.

Спор околу парите за политичко рекламирање

Платеното политичко рекламирање и начинот на распределба на средствата остануваат едно од најспорните прашања во изборните измени.

Левица инсистира дека укинувањето или еднаквата распределба на средствата би овозможиле поправеден натпревар меѓу сите учесници на изборите.

Од партијата повторуваат дека една изборна единица и фер распределба на ресурсите се клучни за поголема демократичност и рамноправност во изборниот процес.

error: Содржината е заштитена од копирање !!