БРАВО! Дечиња од Гази Баба сами го исчистија спортскиот терен по невремето
22/07/2026 10:22
По силното невреме што зад себе остави паднати гранки и расфрлан отпад, група млади од Гази Баба покажа дека грижата за заедницата започнува од личниот пример.
Без ничија организација или повик, тие самоиницијативно се зафатиле со расчистување на спортскиот терен што секојдневно го користат.
Ги отстраниле гранките и отпадот
Момчињата ги собрале отпадоците и ги отстраниле гранките што останале по невремето.
Нивната акција била забележана од жителка на општината, која споделила фотографии и пофални зборови во фејсбук-групата „Ѕид на Општина Гази Баба“.
„По дождот сонцето доаѓа. Дечките самоиницијативно си го исчистија својот терен. Отпадоците беа запрепастувачки, а ги исчистија и гранките од невремето. Си имаме ние и добри момци, воспитани и грижливи за својата средина“, напиша граѓанката.
Пример за одговорност кон заедницата
Гестот на младите е потсетник дека во заедницата има воспитани и одговорни млади луѓе.
Наместо да чекаат некој друг да го исчисти просторот, тие самите се погрижиле теренот повторно да биде безбеден и уреден.
Нивната постапка испраќа едноставна, но важна порака – секој може да придонесе за почиста и подобра средина.






