ЛДП предлага 10 мерки за демографска обнова: Станови за млади, бесплатни градинки и 12 месеци родителско отсуство
09/11/2026 16:17
Мерки за демографска обнова предлага Либерално-демократската партија, која предупредува дека Македонија се соочува со намалување на наталитетот, иселување на младите и сè потешки услови за формирање семејство.
Од ЛДП предлагаат пакет од 10 мерки, меѓу кои поддршка за купување прв стан, 12 месеци платено родителско отсуство, детски додаток за секое дете, бесплатни градинки и даночни олеснувања за родители.
ЛДП: Демографската обнова да стане национален приоритет
Членот на Извршниот одбор на ЛДП, Бобан Јанкоски, вели дека потребна е долгорочна стратегија со конкретна финансиска поддршка.
„Сметаме дека демографската обнова мора да стане еден од највисоките национални приоритети, со долгорочна стратегија и конкретни финансиски мерки, наместо со декларативна грижа за семејството и повремени популистички ветувања“, вели Јанкоски.
Според него, целта е да се создадат услови младите да останат во земјата, да основаат семејства и да имаат поголема економска сигурност.
Десетте мерки што ги предлага ЛДП
Партијата предлага државна поддршка за учество при купување прв стан и субвенционирани камати за млади брачни и вонбрачни парови. Како дополнителна можност се предлагаат и државни станови за долгорочно изнајмување по пристапни услови.
Втората мерка предвидува 12 месеци платено родителско отсуство, со можност дел од периодот да го користи и таткото.
ЛДП предлага и детски додаток за секое дете, со повисока поддршка за семејствата со пониски приходи.
Меѓу предлозите е и бесплатна градинка за секое дете, со повеќе места и продолжено работно време.
Даночни олеснувања и поддршка за прво вработување
Петтата мерка предвидува намалување на персоналниот данок за родители со деца и дополнителни олеснувања за семејствата со три или повеќе деца.
За младите се предлагаат даночни стимулации за компаниите што ги вработуваат, поддршка за прво вработување и платена практична работа.
Партијата предлага и посебни мерки за отворање нови работни места надвор од Скопје.
Поволности за иселениците што ќе се вратат
ЛДП предлага даночни поволности за граѓаните што ќе се вратат во Македонија, помош при признавање на дипломите и квалификациите и поддршка за започнување сопствен бизнис.
Се предлага и законско овозможување флексибилно работно време и работа од дома за родители, таму каде што природата на работата го дозволува тоа.
Поддршка за новороденчиња и Демографски фонд
Деветтата мерка предвидува единствен национален пакет за секое новороденче, со дополнителна финансиска помош за второ и трето дете.
Последниот предлог е формирање посебен Демографски фонд од кој би се финансирале мерките за наталитет, младите семејства и враќањето на иселениците.
ЛДП бара трошењето на средствата и резултатите од фондот да бидат јавно и транспарентно следени.
Повик до сите партии
Од партијата упатуваат повик до сите политички партии, без разлика дали се во власта или опозицијата, да ја поддржат демографската политика како заеднички национален приоритет.
„На Македонија ѝ е потребна нова демографска политика која ќе ги третира децата како иднина, родителите како приоритет, младите како потенцијал, а иселениците како луѓе на кои треба да им понудиме причина да се вратат“, додава Јанкоски.
Од ЛДП порачуваат дека мерките за демографска обнова не треба да се сведат само на повици за повеќе раѓања, туку на создавање економски и социјални услови младите да сакаат да живеат и да ја градат својата иднина во Македонија.





