MKinformer

your daily dose of news

АРТАН ГРУБИ: КРАЈОТ НА ЕДНА ПОЛИТИЧКА ЕРА

11/12/2024 10:49

Како бомба во македонскиот политички и медиумски етер, оддекна информацијата дека поранешниот прв вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, беше ставен на веќе популарната американска црна листа, заедно со апелациониот судија Енвер Беџети, обвинет за влијание врз судската одлука за предметот „Таргет-Тврдина“, во кој првообвинет беше поранешниот прв човек на Управата за контраразузнавање и безбедност Сашо Мијалков. Овој чин, многумина побрзаа да го протолкуваат како политичка порака на американската администрација во Демократската унија за интеграција во очи на најавените протести за „зачувување на албанскиот јазик“ кој се наоѓа на одлучувачка маса во Уставниот суд,токму денеска на 11 декември. Овие разместувања на македонската политичка сцена се толкувааат, и како завршување на една политичка кариера, која беше карактеризирана со контроверзи.

Всушност, Груби ја почна кариерата како предводвник на навивачката група „Шверцери“, кога по настаните на скопското Кале, се катапултираше во врвот на ДУИ. Веднаш му стана шеф на кабинетот на неприкосновениот вожд и лидер Али Ахмети, за потоа да реди и државни функции, од која највисока му беше прв вицепремиер во претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ. Во таа влада, Груби се наметна и како предводник на проектот „Бехтел и Енка“, најавен како најголема инвестиција во инфраструктурата во Македонија. Низ годините, Артан успеа да ги преброди сите внатрепартиски пресметки, почнувајќи од Ермира Мехмети, со која беше во партиска војна, кога од нејзина страна беше иронично наречен „господин селфи“, за до најжестоката внатрепартиска пресметка со „Огнените“, неформална група во ДУИ, формирана од високи тешкаши како Изет Меџити, Блерим Беџети и Муса Џафери, кои токму ја бараа „политичката глава на Груби“.

Неприкосновениот водач на ДУИ, Али Ахмети, застана на страната на Груби, и ефектот од оваа пресметка беше формирање на нов политички субјкет од страна на Изет Меџити, кој денеска го замени Груби и е „прв вицепремиер “ во Владата на Христијан Мицкоски. Останатите се вратија во јадрото на ДУИ. Сепак, се чини, дека оваа „пресметка“ со Американците , политичкото милениче на Ахмети, ќе нема сили да го преживее. Доказ за тоа е и кусото партиско соопштение од ДУИ, во кое тие велат дека ја почитуваат одлуката на Стејт Департментот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!