Голема полициска акција во источна Македонија – приведени високи функционери и полициски службеници
19/09/2025 9:00
Неофицијално, од синоќа и во текот на денешниот ден се спроведува голема полициска акција на подрачјето на Берово, Пехчево и Делчево, насочена кон разбивање на организирана криминална група која со години наназад вршела нелегална сеча на шуми, злоупотреба на службена положба, примање и давање поткуп, како и други тешки дела против животната средина.
Според информации на Курир, меѓу приведените се наоѓаат актуелен директор на ЈП „Македонски шуми“, актуелен началник во полицијата, како и повеќе полициски службени лица, шумски полицајци, службено лице од подрачна единица на Министерството за земјоделие и сопственици на приватни компании.
Оваа група, според првичните информации, функционирала како злосторничко здружение со единствена цел – личен профит на сметка на државата и уништување на природните ресурси. Организирале систематска сеча и транспорт на дрвна маса, која преку коруптивни врски ја пласирале како легално исечена.
Целата акција и понатаму е во тек, а јавноста очекува официјални информации од надлежните институции.






