Стразбур ќе утврдува дали бил нарушен фер-судскиот процес во случајот „Тенк“ за Гордана Јанкуловска
24/11/2025 13:04
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур отвори постапка по жалбата на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поврзана со случајот „Тенк“, со цел да утврди дали во процесот имало прекршување на нејзиното право на фер судење. Клучниот елемент што го интересира Судот е користењето на прислушуваните разговори како доказен материјал, бидејќи одбраната тврди дека Јанкулоска немала можност да ја оспори нивната автентичност, ниту пристап до целокупната документација, што, според нив, ја нарушило еднаквоста на странките во постапката.
Јанкулоска беше осудена на четиригодишна затворска казна за злоупотреба на службена должност во предметот „Тенк“ на поранешното СЈО. Согласно обвинението, таа му овозможила на тогашниот премиер Никола Груевски, преку наместен тендер и со средства на МВР, да набави луксузен „мерцедес“ вреден околу 600.000 евра за негова лична употреба во ситуации кога нема да биде непосредно изложен пред јавноста, медиумите и граѓаните.
Поранешната министерка ја напушти затворската установа во ноември 2023 година, приближно една година пред истекот на пресудената казна. Сега, ЕСЧП ќе треба да оцени дали во случајот имало процесни недостатоци што би можеле да влијаат врз правичноста на судењето, особено во делот со доказите обезбедени преку мерки на тајно следење.






