MKinformer

your daily dose of news

Дали ПР службата на Владата одбила да одговори на „Тајмс“ за мигрантите?

10/12/2025 11:20

Владин молк пред „Тајмс“ отвори лавина сомнежи, Зошто не беше демантирано навреме сценариото за мигрантски центри?

Додека македонската јавност веќе трет ден е вознемирена од наводите дека земјава би можела да стане „депо“ за мигранти кои Велика Британија планира да ги дислоцира, сè погласно се отвора прашањето: дали Владата на премиерот Христијан Мицкоски ја пропушти шансата оваа тема да биде затворена уште пред да ескалира во меѓународен скандал?

Според информации што кружат меѓу новинарските кругови, реномираниот британски весник „Тајмс“ (The Times), почитувајќи ги високите професионални стандарди, пред објавувањето на текстот упатил конкретни прашања до македонската Влада во врска со можните преговори за т.н. центри за процесирање мигранти.

Одговорот од „Илинденска“ бр. 2, според истите извори, бил – МОЛК. Поточно, одбивање да се даде официјален коментар.

Токму овој молк сега се покажува како клучна грешка. „Тајмс“ во својата статија наведе дека владата на британскиот премиер Кир Стармер разгледува локации на Балканот за сместување и обработка на баратели на азил, при што експлицитно ја спомена Македонија како можен партнер.

Во светот на меѓународната политика и сериозното новинарство, кога медиум од ваков калибар се обраќа со прашање за чувствителна тема, одговорот „немаме коментар“ речиси секогаш се чита како сигнал дека нешто се крие или дека процесот е во тек. Токму затоа, владината одлука да молчи пред странската редакција, а подоцна бурно да реагира дома, отвора сериозни дилеми.

Ако навистина не постоеле никакви разговори или договори – како што сега тврди премиерот Мицкоски – зошто тоа не било јасно и недвосмислено соопштено уште пред текстот да излезе во печат? Еден навремен, официјален и писмен демант испратен до редакцијата во Лондон можел значително да ја смени содржината на објавата или барем да ја вклучи македонската позиција.

Контрастот меѓу почетниот молк кон „Тајмс“ и подоцнежната офанзива против домашните медиуми и опозицијата е симптоматичен. Дури откако веста предизвика бурни реакции кај јавноста, Владата ги прогласи наводите за „лажни вести“ и дел од опозициска конструкција.

Во меѓувреме, СДСМ и другите опозициски партии логично го искористија комуникацискиот вакум. Прашањето што го поставуваат е едноставно: ако сè било лага, зошто не било демантирано таму каде што првично се појави? Обвинувањата за тајни договори добиваат тежина токму поради некоординираниот и задоцнет владин ПР.

Без оглед на тоа каква е вистината околу мигрантите, овој случај разоткри сериозен недостаток во капацитетот на Владата за справување со меѓународно чувствителни прашања. Во време на брзи информации и геополитички тензии, молчењето не е стратегија, туку ризик.

Јавноста во Македонија заслужува одговор не само дали ќе има мигрантски кампови, туку и зошто токму оние што треба да ги штитат државните интереси, одбраа да молчат во моментот кога требаше најјасно и најгласно да зборуваат?

error: Содржината е заштитена од копирање !!