MKinformer

your daily dose of news

Почна протестот на културните работници

16/04/2026 12:28

Поддршка за протестот на Синдикатот за култура денес, според претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, не значи само поддршка за вработените во културата, туку и одбрана на сите колективни договори во државата.

Трендафилов порача дека прашањето не е ограничено само на Колективниот договор за култура. Според него, во прашање е целиот систем на уредување на платите и правата на работниците преку колективни договори.

Тој нагласи дека во многу договори јасно се утврдени методологијата и начинот на пресметка на плата. Тоа, како што посочи, важи без разлика дали станува збор за просечна плата, минимална плата, најниска плата по коефициент или процентуално зголемување.

Во својата објава, Трендафилов се повика на член 32 од Уставот. Тој потсети дека во него јасно стои оти остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Трендафилов посочува и дека Законот за работните односи го предвидува истото. Според него, и работниот однос и платата се уредуваат преку закон, колективен договор и договор за вработување.

Поддршка за протестот на Синдикатот за култура побара тој и поради, како што оценува, спорната одлука на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура.

Според Трендафилов, уставните судии отвораат прашања на кои одговорот веќе постои во Уставот и во законите. Тој тврди дека со тоа се отвора опасност од удирање и врз други колективни договори во кои е утврден начинот на пресметка на платите.

Во реакцијата тој поставува и неколку клучни дилеми. Кoja е вистинската намера зад оваа постапка, дали таа може да повлече укинување и на други колективни договори и во чиј интерес се отвора ваков процес.

На крајот, Трендафилов повика на солидарност со Синдикатот на културата и со вработените во културата. Според него, денешниот протест е многу поширока борба за работничките права.

error: Содржината е заштитена од копирање !!