MKinformer

your daily dose of news

Македонија трета во Европа по стапка на фемицид во 2023

22/12/2025 12:28

Македонија трета во Европа по стапка на фемицид во 2023, над европскиот просек и сериозен аларм за институциите

Македонија се наоѓа на третото место во Европа според стапката на фемицид за 2023 година, покажуваат најновите податоци на Евростат анализирани од „Еуроњуз“. Со шест убиени жени на еден милион жители, земјата е веднаш зад Латвија, која има највисока стапка, 17 жртви, и Литванија со 10 жртви на милион жители.

Овие бројки се значително повисоки од просекот на Европската Унија, кој изнесува 4,1 убиена жена на еден милион жители, што дополнително укажува на сериозноста на феноменот и на потребата од поагресивни институционални мерки.

Анализата покажува и силна поврзаност меѓу фемицидот и семејното насилство. Жените во Европа имаат двојно поголема веројатност да бидат убиени од близок член на семејството или од интимен партнер во споредба со мажите, тренд што е особено изразен во Источна и Југоисточна Европа.

Во спротивност со овие податоци, неколку европски држави бележат значително пониски стапки на фемицид. Во Грција се регистрирани 1,8 жртви на милион жители, во Шпанија 2, а во Холандија 2,3 убиени жени на милион жители, меѓу најниските нивоа на континентот.

Статистиката го отвора прашањето за итно зајакнување на политиките за превенција, поддршка и заштита на жртвите, но и за системски пристап во борбата против родово базираното насилство, кое и понатаму останува сериозен општествен и безбедносен проблем во регионот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!