ЕУ воведува строги правила за извоз на половни автомобили: Балканот ќе остане без евтините стари возила
16/01/2026 10:24
Европска Унија подготвува значајни измени во правилата што ја регулираат трговијата со половни автомобили, со цел да спречи најстарите и технички неисправни возила да завршуваат во трети земји, меѓу кои и државите од Западен Балкан.
Според новиот пакет регулативи што се разработува во Брисел, секое возило што ќе се продава или извезува од ЕУ ќе мора јасно да докаже дека не е „возило на крајот од животниот век“ (End-of-Life Vehicle – ELV). Тоа подразбира задолжителен доказ дека автомобилот е технички исправен, безбеден за сообраќај и погоден за понатамошна употреба.
Ова директно ќе влијае на масовниот извоз на стари автомобили од земји како Германија, Италија, Франција, Австрија и Белгија, кои со години се главен извор на евтини половни возила за балканските пазари.
Според најавите, без валиден сертификат за техничка исправност – добиен преку задолжителен технички преглед или проценка од независен експерт – возилото нема да може да се регистрира, продава или извезува преку официјални канали. Посебно контроверзен е трошокот за ваков сертификат, кој според проценките може да достигне од 1.500 до 2.000 евра, сума која често ја надминува вредноста на најевтините автомобили што се извезуваат на Балканот.
Како резултат на тоа, голем дел од старите и дотраени автомобили повеќе нема да се исплатат за извоз и ќе завршуваат на рециклирање во самата Унија, наместо да се продаваат како „половни исправни возила“ во трети земји.
Основната логика зад овие мерки е еколошка и економска. ЕУ има за цел да ја зајакне циркуларната економија преку рециклирање на вредни суровини како литиум, никел и кобалт, да го намали загадувањето и да спречи извоз на технички небезбедни автомобили. Дел од новините е и воведувањето на дигитална „циркуларна дозвола за возила“ (Circular Vehicle Passport), со која ќе се следи потеклото, состојбата и материјалната структура на секој автомобил.
Важно е да се нагласи дека ова не претставува целосна забрана за извоз на половни автомобили од ЕУ. Помладите и реално исправни возила, стари 2, 3 или 5 години, и понатаму ќе можат релативно лесно да се извезуваат. Но, најстарите и најевтините модели – кои се најбарани на пазарите како македонскиот – ќе се соочат со сериозни бариери, што може значително да ја намали нивната достапност.
Овие промени се дел од пошироката европска регулатива за управување со возила на крајот од нивниот животен век, која треба формално да биде усвоена и постепено да започне со примена околу 2027–2028 година, со целосна имплементација до 2031 година.
Во пракса, тоа значи дека пазарот на половни автомобили во регионот може драстично да се промени – помалку евтини и технички ризични возила, повисоки цени за увоз, но и подобра безбедност на патиштата и почиста животна средина.






