Трендафилов: „Овој протест е за твојата плата, кој ќе протестира за твојата плата ако не ти?!“
25/01/2026 17:01
Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, со остра порака до работниците и граѓаните повика на масовен синдикален протест за заштита на работничкото достоинство и зголемување на платите.
„Овој протест е за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први. Ако ти не протестираш за својата плата, кој ќе го направи тоа наместо тебе?“, порача Трендафилов, нагласувајќи дека работниците се систематски потценети и понижени и од работодавачите и од властите.
Според него, ниските плати им овозможуваат на газдите да создаваат капитал на грбот на работниците, а на политичарите да владеат со сиромашен, но послушен народ.
„Ако имате пристојна плата и сигурна работа, нема да зависите ниту од едните, ниту од другите“, истакна Трендафилов.
Трендафилов предупреди дека со мизерните примања, граѓаните и нивните деца свесно се туркаат надвор од државата, додека избраните и именуваните функционери си ги зголемуваат платите за 250 евра месечно и дури 78 %.
Главното барање на ССМ е зголемување на работничките плати за најмалку 6.000 денари, преку зголемување на минималната плата на 600 евра. Тој ги повика работниците да не се плашат и масовно да им се придружат на синдикалците.
Протестот ќе се одржи на 28 јануари 2026 година, со почеток во 17:00 часот, пред Работничкиот дом (зграда на ССМ, ул. Мирче Ацев бр. 6) во Скопје. Од таму, колоната ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата на Република Македонија.
„За време на протестот ќе биде обезбеден коридор за итни медицински и семејни случаи и однапред им се извинувам на граѓаните за евентуалните непријатности“, информира Трендафилов.






