ССМ најави голем протест на 28 јануари: Бараат минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати
22/01/2026 23:13
Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) најави масовен протест што ќе се одржи на 28 јануари, со почеток во 17:00 часот пред зградата на ССМ во Скопје. Причина за протестот е, како што наведуваат од синдикатот, одбивањето на Владата и работодавачите да ги зголемат платите во услови на постојан раст на животните трошоци.
Синдикалното раководство бара минималната плата да изнесува 600 евра, како и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Од ССМ порачуваат дека нема да отстапат од овие позиции и дека протестот на 28 јануари е само прв чекор, доколку институциите продолжат, како што велат, да „купуваат време“.
Маршрутата на протестот ќе започне од зградата на ССМ, ќе продолжи кон Собрание на Република Македонија, потоа пред Стопанска комора на Македонија, а завршницата ќе биде пред Влада на Република Македонија.
Со ваквата маршрута, ССМ јасно ја посочува одговорноста на три клучни адреси кои, според синдикатот, директно ја креираат платната реалност во државата, законодавната власт, организираниот бизнис и извршната власт.
„Платите не се само пазарна категорија, туку политичко-економски договор, кој со години се турка на грбот на работниците“, порачуваат од ССМ, нагласувајќи дека без конкретни мерки за раст на платите ќе следуваат нови протести, блокади и можни штрајкови.





