MKinformer

your daily dose of news

ССМ напладне ќе ги блокира работодавачите, за зголемување на платите

12/02/2026 9:40

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) денеска напладне ќе ја реализира втората од трите најавени блокади, со јасна порака, минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати да пораснат за 6.000 денари.

По блокирањето на влезовите на Собрание на Република Македонија во понеделникот, денеска синдикалците ќе ја блокираат Стопанска комора на Македонија во центарот на Скопје.

„Ќе блокираме газди што ги блокираат работниците“

Од ССМ велат дека блокадата е насочена кон работодавачите кои, според нив, одбиваат да ги зголемат платите и покрај растечките животни трошоци и иселувањето на работната сила.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека повторно ќе излезат 21 претставник, законскиот минимум потребен за организирање блокада.

„Пред Стопанската комора ќе блокираме газди што ги блокираат работниците 36 години. Газди што одбија да ги зголемат платите и минималната плата, а се жалат дека квалификуваните работници заминуваат од државата“, изјави Трендафилов, додавајќи дека секој граѓанин може да се приклучи на протестот.

Следна мета, Владата

ССМ најавува дека следниот вторник ќе ја блокираат и Влада на Република Македонија. Доколку барањата не бидат прифатени, синдикатот ќе организира нов протест и ќе пристапи кон генерален штрајк.

Синдикалците го оправдуваат барањето за зголемување на платите со растот на животните трошоци. Според нивните пресметки, синдикалната потрошувачка кошничка во јануари достигнала 66.413 денари, што е за околу 900 денари повеќе во однос на декември. За четиричлено семејство со изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребни се 81.788 денари месечно.

Владата: Да се договорат синдикатите и работодавачите

Од Владата остануваат на ставот дека договор треба да се постигне меѓу синдикатите и работодавачите. Според законските одредби, минималната плата треба да се усогласи во март, а зголемувањето, според пресметките, би изнесувало меѓу 1.500 и 1.700 денари, кои работниците би ги добиле со априлската плата.

Претстојните денови ќе покажат дали ќе дојде до компромис или земјата ќе се соочи со поширок синдикален бран и генерален штрајк.

error: Содржината е заштитена од копирање !!