MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски не дојде на состанокот во ССМ за да потпише за минимална плата од 600 евра

02/02/2026 12:44

Претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, објави дека денеска во 9 часот во просториите на ССМ го чекале претставникот на Влада на Република С. Македонија за потпишување Спогодба за утврдување на висината на минималната плата, но тој не се појавил.

Според најавената спогодба, минималната плата требаше да се зголеми на 600 евра во нето-износ, со примена од исплатата за месец февруари 2026 година, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари.

„Не се проблем само минималните плати. Проблем се и ниските плати кои ги земаат најголемиот број работници. Затоа веднаш мора да се зголемат сите плати за најмалку 6.000 денари и минималната плата да достигне 600 евра“, напиша Трендафилов.

Тој обвини дека Владата изминатите денови ширела, како што наведе, „невистини и сомнежи“ меѓу работниците, а со недоаѓањето на потпишувањето, според него, се потврдило дека зголемувањето на платите не им е приоритет.

„Денеска паднаа маските. Претставникот на Владата не дојде, имаа други приоритети. Се потврди дека не им е приоритет ниту минималната плата, ниту останатите плати“, наведува претседателот на ССМ.

Трендафилов посочува дека само по големиот работнички протест, Владата прифатила дел од барањата на Синдикат на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, иако, како што вели, колективниот договор требало да биде потпишан веднаш.

Дополнително, тој предупреди дека евентуалното укинување на одредби од Општиот колективен договор за јавниот сектор би значело намалување на платите за околу 21,8 проценти за приближно 130.000 работници, како и губење на јубилејни награди, К-15 и други додатоци.

„Го поставуваме прашањето дали оваа Влада не само што не сака да им ги зголеми платите на работниците, туку сака и да им одземе дел од веќе стекнатите права“, напиша Трендафилов во својата објава на социјалните мрежи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!