Утре ќе бидат блокирани сите приоди кон Собранието
09/02/2026 11:39
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави протест со блокада пред Собранието на Република Северна Македонија на 10 февруари 2026 година, со почеток во 9 часот, на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“ во Скопје.
Одлуката за протест е донесена од Претседателството и Советот на ССМ, согласно Законот за јавни собири. Од синдикатот посочуваат дека пратениците цела година не се изјасниле за нивниот предлог за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и за покачување на останатите плати за најмалку 6.000 денари.
Според ССМ, додека работничките барања се игнорираат, платите на функционерите бележат значителен раст, што, како што велат, претставува директна неправда кон работниците.
Синдикатот ги повикува пратениците да гласаат за зголемување на работничките плати и намалување на функционерските примања, а во спротивно најавува собирање на 10.000 потписи за покренување граѓанска иницијатива.
За време на протестот ќе биде овозможено непречено движење на Итната медицинска помош, полицијата и противпожарните служби, информираат од ССМ.





