MKinformer

your daily dose of news

ССМ со радикални мерки: Блокади на Собранието

03/02/2026 17:46

По истекот на рокот што работниците го дадоа за итни измени на Законот за минимална плата, Сојуз на синдикатите на Македонија најави премин во втора, порадикална фаза на синдикален притисок со цел зголемување на платите.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција истакна дека игнорантскиот однос на пратениците кон барањата на работниците е главната причина за радикализација на активностите. Тој потсети дека вчера истекол рокот во кој синдикатите побарале минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати за најмалку 6.000 денари, без никаква реакција од институциите.

Како прва мерка, ССМ најави блокада на 10 февруари, кога е закажана седница на Собрание на Република Македонија. Според најавите, пратениците ќе мора пешки да поминат покрај работниците и јавно да објаснат зошто нивните плати растат, додека предлогот за зголемување на работничките примања, како што рече Трендафилов, „се чува во фиока“. Тој додаде дека за тој ден нема да можат да наплатат ниту патни трошоци.

На 12 февруари е најавена блокада на работодавачите, односно на Стопанската комора, Сојузот на стопанските комори и Организацијата на работодавачи.

„Работниците ќе ги блокираат газдите, како што тие со децении ги блокираа работниците со мизерни плати и закани“, изјави Трендафилов.

Блокада на Влада на Република Македонија е планирана за 17 февруари, при што ќе бидат блокирани пристапите до владините институции. Според најавите, функционерите ќе мора пешки да поминат покрај работниците и директно да се соочат со нивните проблеми.

Дополнително, ССМ за утре во 11 часот најави поднесување иницијатива до Собранието за измени на Законот за плати и надоместоци на пратениците и функционерите. Предлогот предвидува основица за пресметка на платите да биде минималната, наместо просечната плата, како и намалување на коефициентите за сложеност, што би значело намалување на пратеничките плати за околу 40 проценти.

На крајот, Трендафилов најави можност за нов масовен работнички протест, а доколку барањата не бидат прифатени и генерален штрајк.

error: Содржината е заштитена од копирање !!