Кражба на 2 километри бакарни кабли во вредност од 200.000 евра
11/02/2026 16:35
Голема кражба е пријавена на градилиште во скопската општина Центар, каде во изминатиот месец биле одземени бакарни кабли со должина од 2 километри, во вредност од околу 200.000 евра.
Како што информираат од СВР Скопје, на 10.02.2026 година во 16:15 часот било пријавено дека кражбата се случила од објект во изградба, каде се изведувале градежни работи за подземен булевар.
По преземени мерки и активности, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“, полициски службеници го лишиле од слобода Т.М. (68) од Скопје, кој бил вработен како обезбедување на објектот.
Од полицијата информираат дека е извршен увид од увидна екипа, а во тек се дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот. По комплетирање на документацијата, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Надлежните не исклучуваат можност за инволвираност и на други лица, а истрагата продолжува.






