ССМ: Во четврток протест пред Стопанска комора, во вторник пред Влада!
11/02/2026 21:24
Со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување од најмалку 100 евра на останатите плати, Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) денеска одржа протест пред Собранието.
Од синдикатот порачаа дека ова е само почеток на синдикалните активности и најавија нови протести во наредните денови. Според најавите, во четврток работниците ќе ја блокираат Стопанската комора, а во вторник протестот ќе се одржи пред Владата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, упати критики до носителите на извршната и законодавната власт. Тој изрази очекување премиерот и министрите да доаѓаат пешки на работа и да се соочат со работниците, наместо да користат службени возила. Според најавите, демонстрантите ќе бидат позиционирани на две локации пред Владата.
Трендафилов ги прозва и пратениците, тврдејќи дека дел од нив пристигнале на работа во раните утрински часови за да избегнат средба со протестантите. Тој најави дека ССМ ќе се обрати до претседателот на Собранието со барање, како информација од јавен карактер, да биде објавено кои пратеници побарале надомест за патни трошоци за денешниот ден.
„Јавноста треба да знае дали некој наплатил 100, 150 или 200 евра за доаѓање на работа“, изјави Трендафилов.
ССМ останува на ставот дека зголемувањето на платите е неопходно за подобрување на животниот стандард и најавува дека притисокот ќе продолжи сè додека нивните барања не бидат ставени на дневен ред и разгледани од надлежните институции.




