ЦУК: Поплави и одрони по обилните врнежи, најкритично во Демир Хисар и Кичево
12/01/2026 20:41
Центар за управување со кризи (ЦУК) информира за состојбата по обилните врнежи од дожд и снег заклучно до 19:00 часот, при што најизразени последици се евидентирани во Битолскиот и Кичевскиот регион.
Во Битолскиот регион, на подрачјето на Демир Хисар се регистрирани заезерени површини на земјоделско земјиште во атарите на селата Граиште, Бараково, Единаковци, Света и Жван. Локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост, предизвикано од излевањето на реката Боишка.
Во Скопскиот регион, до овој момент нема пријави за нарушување на редовното функционирање поради врнежите. Надлежните служби ја следат состојбата, која засега е стабилна.
Во Охридскиот регион, на териториите што ги покрива РЦУК Охрид, состојбата е смирена и без пријавени штети.
Најсериозна ситуација е забележана во Кичевскиот регион, каде во текот на денот се расчистуваа последиците од поплавите на улицата Прилепска. Во интервенциите беа вклучени екипи на ЈП Комуналец Кичево, припадници на Армија на Република Северна Македонија од касарната Кичево, волонтери од Црвен Крст – ОО Кичево и месното население. Евакуираните лица и понатаму се сместени во салата „Христо Узунов“, каде им се обезбедени храна и лекови. За утре, 13 јануари 2026 година, планирана е дезинфекција на куќите и постепено враќање на жителите во нивните домови.
Во Велешкиот регион, нема поголеми нарушувања, освен едно пријавено јавување преку Е-112 за помали одрони на патниот правец Скопје – Велес. За случајот е известена Македонија пат, која најави интервенција на дежурна екипа.
Во Кумановскиот регион, во Крива Паланка се расчистува одрон кај Градскиот стадион, а во тек е и чистење на терминалот на граничниот премин Деве Баир, како и расчистување и посолување на локалните патишта кон селата Кркља, Трново и Подржи Коњ. Надлежните служби информираат дека сите патни правци се проодни, сообраќајот се одвива во зимски услови, а механизација работи на регионалниот пат П’клиште – Герман.
Во Тетовскиот регион, во селото Зубовце (Општина Врапчиште) патот е прооден, но поради замрзнат коловоз движењето е отежнато на делница од околу два километри. Интервенција е најавена за утрешниот ден. Во селото Сенце, Општина Маврово, има прекин во снабдувањето со електрична енергија поради падната бандера, за што е известена ЕВН – секција Гостивар.
Во Струмичкиот и Штипскиот регион нема пријави за штети, излевање на реки, одрони или непроодни патишта, а состојбата се оценува како стабилна.




