Се огласи Ленче Ристоска по изјавта на Мицкоски: Изборот за јавен обвинител мора да се темели на квалитет, не на подобност
20/02/2026 13:19
Поранешната обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска, јавно реагираше откако премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Канал 5 изјави дека таа „апсолутно не е во игра“ за избор на државен јавен обвинител.
Иако законската процедура предвидува Владата да ги разгледа записниците од Совет на јавни обвинители пред да донесе одлука, премиерот посочи дека на владината листа се три имиња од четирите кандидати кои добиле позитивно мислење, при што Ристоска не е меѓу нив.
Во писмена реакција до медиумите, Ристоска наведува дека исклучувањето на кандидат однапред, без анализа на неговата програма и професионален пат, отвора прашања за применетите критериуми.
„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, наведува таа.
Ристоска додава дека професионалците во системот треба да знаат дека нивниот труд и стручност се единствените критериуми што треба да одлучуваат, предупредувајќи дека во спротивно се испраќа порака дека подобноста има предност пред компетентноста.
Инаку, Советот на јавните обвинители вчера даде позитивно мислење за четворица од петте кандидати за државен јавен обвинител: сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска, судијата од Кривичниот суд Ненад Савевски и обвинителката од скопското Обвинителство Лидија Раичевиќ.
За кандидатурата на Владимир Панчевски Советот едногласно утврди дека не ги исполнува законските услови во однос на потребниот работен стаж.






