MKinformer

your daily dose of news

Потресни сведоштва за трагедијата во Кочани: „Излезот беше заклучен, таванот се топеше врз нас“

25/02/2026 15:35

Со емотивни и тешки сведоштва пред Судот продолжи процесот за трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, во кој животите ги загубија повеќе лица, а дел од присутните се здобија со сериозни повреди.

Прва сведочеше Ана Костадовска, придружен вокал и надворешен соработник на музичката група ДНК. Таа појасни дека не била постојан член на бендот, туку настапувала по договор, зависно од концертите. Заедно со неа на сцената била и Сара Пројковска.

Во текот на распитот, обвинителството поставило прашања поврзани со нејзиниот ангажман, на што одбраната реагирала со приговор, сметајќи дека сведоците треба да одговараат само на прашања директно поврзани со предметот. Судот не го прифатил приговорот и сослушувањето продолжило.

Костадовска истакна дека за техничката поддршка бил задолжен Мартин Атанасов, додавајќи дека не знае кој ги поставувал прскалките на сцената, иако тие со години се користеле без проблем.

„Почувствував топлина и кога погледнав нагоре, гореше“, сведочеше таа, опишувајќи го моментот кога избувнал пожарот.

Таа раскажа дека по симнувањето од бината забележале врата, но утврдиле дека е заклучена со катанец. Во обид да најдат друг излез, се упатиле кон шанкот, но состојбата брзо ескалирала.

Сведочеше дека настанала паника и турканица, а во метежот била оттурната и паднала во близина на излезот, каде останала притисната од други лица.

„Се трудев да останам свесна. Во еден момент почувствувавме свеж воздух и тоа ни даде надеж дека излезот е отворен“, изјави Костадовска, додавајќи дека со помош на непознато лице успеала да се ослободи и да излезе надвор.

Пред Судот сведочеше и Горан Тонев, гитарист во групата ДНК и единствениот преживеан член на бендот, покрај Костадовска. Тој во судницата се појави со видливи повреди на лицето и вратот, последица од пожарот.

Тонев изјави дека околу една година и три месеци имал устен договор со Филип Стевановски за настап како надворешен соработник. Вечерта пристигнал во објектот заедно со тапанарот Ѓоко Ѓорѓиев.

Според неговото сведочење, за време на техничката проба не забележал поставување пиротехника, но подоцна таа веќе била поставена. Тој се наоѓал во задниот дел од бината, додека пиротехниката била поставена во предниот дел.

„Се симнав по скалите и се упатив кон вратата. Беше екстремно топло, чадот беше густ и не можев да дишам“, изјави Тонев.

Тој посочи дека материјалот на таванот почнал да се топи, а токму тие растопени делови предизвикале дел од повредите. Се здобил со изгореници на повеќе делови од телото, како и на дишните патишта. Поради сериозноста на повредите бил лекуван во Солун и сè уште не е вратен на работа.

Во однос на пиротехниката, изјави дека претходно видел како се поместува, но не забележал кој ја поставувал критичната вечер.

Судењето продолжува со изведување докази и сослушување на други сведоци во рамки на постапката.

error: Содржината е заштитена од копирање !!