MKinformer

your daily dose of news

Мицкоски уверува: Владата ќе го ублажи ценовниот шок ако цената на нафтата драстично порасне

05/03/2026 15:53

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата е подготвена да интервенира доколку цената на нафтата нагло порасне на светските берзи, со цел да се ублажи ударот врз стандардот на граѓаните.

Говорејќи од Штип, Мицкоски изјави дека Владата внимателно ја следи состојбата на светските пазари, особено поради нестабилностите предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток, кој веќе создава притисок врз цените на енергенсите.

Според него, ценовниот шок веќе се чувствува на глобално ниво, при што природниот гас значително поскапел, а цената на дизелот во САД достигнала највисоко ниво во последните две години.

„Можеби со тек на време ќе имаме одредени економски предизвици, односно притисок врз цената на енергенсите, на нафтата и на гасот, повеќе на нафтата. Можно е да има зголемување на цените, но во разговор со Министерството за финансии ќе реагираме, можеби со намалување на акцизите за да го намалиме ударот врз стандардот на граѓаните“, изјави премиерот.

Тој посочи дека земјава може да се соочи со економски предизвици како последица на војната меѓу Иран, од една страна, и САД и Израел од друга.

Во однос на безбедносната состојба во државата, Мицкоски оцени дека таа е стабилна.

„Мирна и стабилна е безбедносната состојба, не постои ризик за земјава. Имавме Совет за безбедност, направивме анализа и врз основа на информациите кои ги добивме од безбедносните служби, состојбата е стабилна“, рече премиерот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!