MKinformer

your daily dose of news

Кина преговара со Иран за безбедно минување на кинеските нафтените танкери низ Ормускиот теснец

06/03/2026 12:18

Кина започнала разговори со Иран со цел да се обезбеди безбедно минување на бродовите што превезуваат сурова нафта и катарски течен природен гас низ Ормускиот теснец, јавуваат британските медиуми повикувајќи се на анонимни дипломатски извори.

Преговорите се одвиваат на седмиот ден од воениот конфликт меѓу Израел, САД и Иран, додека стотици трговски бродови остануваат закотвени во близина на теснецот, една од најважните поморски рути за глобалната енергетска трговија.

Ормускиот теснец е клучен воден пат низ кој минуваат околу 20 проценти од светската трговија со нафта и гас. Поради зголемената безбедносна неизвесност, транспортот низ регионот е значително намален, што дополнително ги зголеми цените на енергијата на светските пазари.

Според податоци објавени од Ројтерс и Блумберг, базирани на системи за следење на бродови, еден танкер кој се претставувал како кинески вчера успеал да помине низ теснецот.

Кина е еден од најголемите купувачи на иранска нафта и има значајни енергетски интереси во регионот. Пекинг во последните денови остро ги осуди нападите на Израел и САД врз ирански цели, повикувајќи на деескалација на конфликтот.

Експертите предупредуваат дека секое подолго затворање или ограничување на сообраќајот низ Ормускиот теснец може сериозно да ја наруши глобалната енергетска стабилност и дополнително да ги зголеми цените на нафтата и гасот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!