MKinformer

your daily dose of news

Нова мафијашка пресметка во Белград: Пукање во ресторан, едно лице рането

22/05/2026 8:12

Уште едно пукање во угостителски објект ја вознемири српската јавност, откако синоќа едно лице беше рането во ресторан во Белград, а осомничениот напаѓач е уапсен.

Инцидентот се случил во ресторанот „Џери“ во Нов Белград, каде жртвата била погодена додека седела во локалот. Повреденото лице било пренесено во Ургентниот центар и, според првичните информации, се наоѓа надвор од животна опасност.

Набргу по пукањето, полицијата привела млад човек за кого постои сомнение дека е сторителот. Според неофицијални информации, тој би можел да одговара за тешко убиство во обид и нелегално поседување оружје. Обвинителството, пак, ќе работи и на утврдување на евентуалните нарачатели.

Пиштолот од кој наводно било пукано е пронајден во близина на ресторанот. На местото на настанот увид извршиле полицајци, инспектори, форензичари и дежурен обвинител.

Овој случај доаѓа само неколку часа по серијата пожари во угостителски објекти во белградската населба Врачар, каде непознати лица фрлале молотови коктели. Поради ова, во српските медиуми и јавноста сè погласно се зборува за нов бран пресметки во подземјето.

Ресторанот „Џери“ и претходно беше цел на напад. Во февруари годинава, пред локалот беше фрлена експлозивна направа, но тогаш немаше повредени.

Соговорници на српските медиуми оценуваат дека мафијашките конфронтации во Белград никогаш не престанале, но дека по последните инциденти јавноста сè повеќе обрнува внимание на нив.

error: Содржината е заштитена од копирање !!