MKinformer

your daily dose of news

Прогласена епидемија во Гостивар!

19/07/2026 18:10

Прогласена епидемија во Гостивар, бројот на заболени продолжува да расте

Центарот за јавно здравје Тетово, епидемиолошка служба Гостивар ја донесе одлуката поради надминување на неделниот лимит на заболени

Центарот за јавно здравје Тетово, епидемиолошка служба Гостивар попладнево официјално прогласи епидемија на подрачјето на општина Гостивар, откако беше регистриран значителен пораст на бројот на заболени со стомачни инфекции.

Одлуката е донесена по надминување на прагот на заболени на неделно ниво, а здравствените власти најавуваат дека состојбата ќе продолжи внимателно да се следи.

ЦЈЗ: Се преземаат сите неопходни мерки

Од епидемиолошката служба информираат дека покрај прогласувањето на епидемијата, продолжува епидемиолошкото анкетирање на пациентите и спроведувањето на мерките за контрола.

„Поради зголемен број заболени, надминување на лимитот на неделно ниво пријавуваме епидемија на подрачје на Гостивар. Редовно ја следиме состојбата, анкетираме заболени пациенти, се преземаат мерки“, соопштија од Центарот за јавно здравје.

Болницата е под зголемен притисок

Според последните информации, само во изминатите 24 часа на Инфективното одделение во Општата болница во Гостивар биле прегледани околу 200 пациенти, додека на Одделението за педијатрија медицинска помош побарале уште околу 110 деца.

Најголем дел од пациентите се јавиле со симптоми на дијареа, повраќање и дехидрација.

Во истиот период, во службата за Итна медицинска помош биле евидентирани 290 прегледи.

Во сила остануваат препораките за некористење на водата

Надлежните институции повторно апелираат граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење сè до ново известување.

Освен забраната за пиење, остануваат во сила и препораките водата да не се користи за миење заби, миење овошје и зеленчук, подготовка на храна, како и за бањање.

Здравствените власти најавуваат дека состојбата ќе се следи на дневно ниво, а јавноста ќе биде навремено информирана за сите наредни мерки и препораки.

error: Содржината е заштитена од копирање !!