MKinformer

your daily dose of news

ЛДП за Мицкоски: На Македонија не ѝ треба Влада која секое поздравување го претвора во историски успех

23/09/2026 11:59

ЛДП за Мицкоски порача дека граѓаните заслужуваат факти и конкретни резултати, а не, како што велат, „политички трејлери од Њујорк“.

„Детските приказни имаат едно правило: на крајот, херојот секогаш победува. Во политичките приказни на ‘Шефот на Елитата’ изгледа доволно е само да ‘остварите средба’, да се поздравите и веднаш од тоа да направите историски дипломатски успех. Но, граѓаните заслужуваат факти, а не политички трејлери од Њујорк“, соопштија од ЛДП.

Од партијата велат дека сакаат јавно да ги „демаскираат“ изјавите и да го прикажат, според нив, вистинското расположение наместо ПР-от што ѝ се сервира на јавноста.

„Лага 1“ – средбата со Марко Рубио

„Лага 1: ‘Разговаравме со Марко Рубио, бидејќи сме стратешки партнери’.

Вистина 1: ‘Се поздравивме од нога, патем не ме ни позна, се гледа на видеото, а со кого Рубио остварил формални средби има на веб-страницата на Стејт департментот’“, наведуваат од ЛДП.

Мицкоски претходно објави дека во Њујорк разговарал со Рубио и оцени дека контактот е потврда на стратешкото партнерство со САД.

„Лага 2“ – американската воена индустрија

„Лага 2: ‘Имавме договорена средба со американската воена индустрија’.

Вистина 2: ‘Скопска фирма си пуштила самата соопштение дека ја организирала средбата и на банерот така пишува, па тие викнале гости, пред сè консултанти’“, стои во соопштението.

„Лага 3“ – инвестициите

„Лага 3: ‘Договоривме инвестиции во македонското стопанство’.

Вистина 3: ‘Ништо не е договорено, правиме презентација на можностите во кои, искрено кажано, нè претркуваат и соседите и членките на ЕУ’“, велат од ЛДП.

„Лага 4“ – средбите со европските лидери

Од ЛДП реагираат и на начинот на кој Владата ги претставува контактите со европските политичари.

„Лага 4: ‘Достоинствено ја претставуваме Македонија на важни состаноци во ЕУ’.

Вистина 4: ‘Се поздравивме со Вучиќ, имавме состанок со Јанез Јанша и културно се поздравивме и со другите кои се тука, како Урсула и Антонио’“, се наведува во соопштението.

Мицкоски објави дека во Њујорк имал средба со Јанез Јанша, на која разговарале за европската перспектива и економската соработка.

ЛДП бара конкретни резултати

Од ЛДП велат дека не е спорно Македонија да има силни односи со САД.

„Напротив, токму затоа бараме тие односи да се градат сериозно, институционално и со мерливи резултати“, порачуваат од партијата.

Според нив, на Македонија не ѝ треба Влада која секое поздравување го претвора во историски успех.

Од ЛДП бараат потпишани договори, реализирани инвестиции и нови работни места.

ЛДП за Мицкоски оценува дека меѓународните контакти треба да се мерат преку конкретни резултати, а не само преку јавни настапи и фотографии.

error: Содржината е заштитена од копирање !!