ВРЕДИ од движење, стана политичка партија
30/04/2025 10:25
Од денес секој чекор ќе биде посилен, секој збор помоќен, секој напор пообединет! Повеќе нема посебни имиња, има една сила – ВЛЕН, порачаа од новиот партиски субјект.
Започнува поглавје кое ќе биде напишано со гордост, објави синоќа ВЛЕН (ВРЕДИ), која веќе нема да биде коалиција од неколку партии – туку една политичка партија.
„Силите на промената го направија првиот голем чекор – создавање заедничко претседателство на ВЛЕН. Од овој момент па натаму, секој чекор, секоја акција и секој напор ќе се прави само под едно име, ВЛЕН и под едно знаме – знамето на промените!“, објавија на социјалните мрежи.
На средбата учествуваа претседателите на досегашните партиски субјекти, Билал Касами (Беса), Изет Меџити (Демократско движење), Зекирија Ибрахими (Алтернатива) и независниот пратеник од Самоопределување, Беким Ќоку.
Веќе нема да фигурираат имињата Беса, Демократско движење, и Алтернатива, бидејќи стапува на сила мораториум за јавни активности на партиите што досега ја сочинуваа коалицијата, и отсега се ќе биде под името и логото на ВЛЕН.






