MKinformer

your daily dose of news

Денес се одбележува 122 годишнината од смртта на Гоце Делчев

04/05/2025 9:21

Денеска се одбележуваат 122 години од смртта на големиот македонски револуционер и борец за слобода, Гоце Делчев. По тој повод, бројни делегации и граѓани ќе оддадат почит со положување цвеќе на неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Воедно, во македонското Собрание ќе биде врачена државната награда „Гоце Делчев“ за значајни придонеси во областа на науката.

Според најавите, меѓу делегациите што ќе положат цвеќе ќе биде собраниската делегација предводена од потпретседателот Антонијо Милошоски, во која се и пратениците Велика Стојкова-Серафимовска, Сања Лукаревска и Павле Арсовски. Присутна ќе биде и владината делегација со премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министрите Панче Тошковски и Весна Јаневска, како и делегации од политички партии, здруженија и граѓани.

Гоце Делчев, кој уште пред повеќе од сто години го замислуваше светот како сцена на културен натпревар меѓу народите, загина на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Роден е на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола Делчеви. Образованието го стекнал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија, а работел како учител во Штип. Како член на Централниот комитет на ТМОРО, активно учествувал во градењето организациска мрежа, создавајќи бази, комитети и чети. Присуствувал на Солунскиот конгрес на ВМРО во 1896 година, а до 1901 година бил задграничен претставник на Организацијата во Софија.

По неговата смрт, неговите останки прво биле чувани во Баница, потоа пренесени во Ксанти, па во Софија. До 1923 година коските се чувале во домот на Михаил Чаков, а на 11 октомври 1946 година биле пренесени и положени во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

error: Содржината е заштитена од копирање !!