Пожар на стрништа го затвори преминот Меџитлија – патниците пренасочени кон Богородица
27/07/2025 17:29
Поради пожар на стрништа во близина на граничниот премин Меџитлија на македонско-грчката граница, преминот е привремено затворен. Стотина патници кои попладнево се обиделе да влезат од Грција во Македонија се вратени назад и пренасочени кон преминот Богородица.
„Нè информираа дека границата е затворена поради пожар и дека мора да чекаме. Многу автомобили се задржани и застанавме кај бензинската пумпа пред преминот“, велат дел од патниците.
Според изјавата на Христијан Тодоровски, командир на Битолската противпожарна единица, во близина на граничниот премин гори околу 70 хектари стрништа, а се сомнева дека пожарот е намерно подметнат. Од безбедносни причини, полицијата го затворила преминот додека трае гаснењето.
Пожарникарските екипи се на терен и работат на целосно локализирање на огнот. Се очекува преминот Меџитлија да биде повторно отворен во текот на попладнето.






