Исплатени над 335 милиони денари субвенции за 1.211 сточари
22/12/2025 23:17
Денеска е реализирана исплата на 335.963.096 денари кон 1.211 сточари, во рамки на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, соопштија надлежните институции.
Средствата се наменети за поддршка на сточарското производство и се дел од континуираните мерки за јакнење на земјоделскиот сектор, со цел зголемување на финансиската сигурност и одржливоста на земјоделските стопанства.
Во однос на земјоделците кои сè уште не ја добиле исплатата за субвенциите од 2023 година, од институциите информираат дека е неопходно тие да се обратат до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, каде што ќе се изврши детална проверка и индивидуално разгледување на секој предмет.
Од Агенцијата упатија апел земјоделците навремено и целосно да ја доставуваат потребната документација, со што ќе се овозможи побрза обработка на барањата и навремена исплата на средствата.






