Советот на јавни обвинители отвори постапка по изјавите на Мицкоски за Ристоска
09/01/2026 14:44
Совет на јавни обвинители отвори постапка за утврдување дали јавните изјави на премиерот Христијан Мицкоски претставуваат притисок и нарушување на самостојноста на јавната обвинителка Ленче Ристоска.
Постапката е покрената по писмено известување доставено од страна на обвинителката Ристоска, која реагираше на јавните квалификации од премиерот, во кои беше наречена „медиокритет“ и поврзана со, како што беше наведено, „клиентелистичко-политичка матрица“. Според Ристоска, ваквите изјави претставуваат обид за влијание врз нејзината работа како носител на јавнообвинителска функција.
Од Советот информираат дека ќе се постапува согласно Правилникот за заштита на самостојноста и независноста на јавните обвинители. Во рамки на процедурата ќе биде формирана тричлена комисија, која ќе ги утврдува сите релевантни факти и околности, ќе прибира информации и, доколку се оцени како неопходно, ќе побара изјаснување и од обвинителката и од премиерот.
Доколку комисијата утврди дека со изјавите е извршено нарушување на самостојноста на јавен обвинител, Советот може јавно да го соопшти својот заклучок и да го достави до надлежните институции на понатамошно постапување.
Изјавите на Мицкоски беа дадени во јавен контекст, во рамки на неговите критики за ставовите на Ристоска поврзани со измените на Кривичниот законик, по што обвинителката побара и јавно извинување од премиерот.



