Бугарија и Италија градат стратешка НАТО-база кај Кабиле: Може да стане поважна и од Рамштајн
12/01/2026 19:23
Со влада во оставка, министерот за одбрана на Бугарија, Атанас Запрјанов, заедно со неговиот италијански колега Гвидо Кросето, потпиша договор за заедничка изградба и користење на воени објекти на територијата на воениот округ Кабиле.
Според бугарските медиуми, поради својата исклучителна геостратешка позиција, развиена инфраструктура и комбинирани воздушни, копнени и водни капацитети, базата Кабиле-Безмер во иднина би можела да има дури и поголемо значење од некои од најпознатите воени бази во Европа, како што се Рамштајн во Германија, полските бази Реџиково и Јасионка, романската Михаил Когалничеану, италијанската Авијано и турската Инџирлик.
Војската е присутна во регионот со години, што значи дека нема потреба базата да се гради од нула. Во непосредна близина се наоѓа воениот аеродром Безмер, кој е модернизиран со околу 30 милиони евра инвестиции од НАТО. Таму сега можат да слетаат и најголемите американски транспортни авиони, како C-5 Galaxy и C-17 Globemaster, како и C-130 Hercules, благодарение на продолжената и проширена писта и новиот систем за осветлување.
Аеродромот моментално е дел од 22-та воздухопловна база, каде се стационирани бугарските ловци-бомбардери Су-25, наменети за блиска воздушна поддршка на копнените сили. Бугарија располагаше со 14 вакви авиони, од кои осум беа модернизирани во периодот 2020–2021 година.
Дополнителна стратешка предност е близината до полигонот Ново Село, кој беше модернизиран од Пентагон со околу 61 милион долари. Само во една година таму беа планирани 78 заеднички воени вежби меѓу бугарската и американската армија. Регионот располага и со цивилниот аеродром во Сарафово, развиена железничка мрежа и релативно брз пристап до Црното Море, што овозможува исклучителна воена мобилност по воздух, копно и море.
Позицијата на базата е од особено значење и во поширок геополитички контекст, блиску до Украина, Црното Море и Русија, како и кон Блискиот Исток и Иран. Според проценките, таа е погодна и за полетување на авиони-танкери за операции на големи растојанија.
Инвестициите од десетици милиони евра и долари во Ново Село и Безмер укажуваат дека изградбата на голема воена база во регионот се планирала подолг период. Уште во јули 2023 година беше најавено дека НАТО планира да формира моќна бригада во Бугарија. Тогашниот премиер Николај Денков соопшти дека бројот на војници на Алијансата ќе се зголеми четирикратно.
Според стандардите на НАТО, баталјонска борбена група брои околу 1.300 војници, додека бригада има околу 5.000. Во моментов, во Бугарија е распоредена баталјонска група од 1.200 до 1.300 војници, со Италија како рамковна земја. САД обезбедуваат чета оклопни возила „Страјкер“, Велика Британија учествува со чета од Кралскиот ирски полк, Грција со противтенковски вод, а Бугарија со 42-от механизиран баталјон. Во составот има и војници од Турција, Македонија, Црна Гора и Албанија.






