MKinformer

your daily dose of news

ССМ најави блокади: од 10 февруари се блокира Собранието поради минимална плата од 600 евра

04/02/2026 10:43

Откако владин претставник вчера не се појави во просториите на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) за да потпише спогодба за зголемување на минималната и останатите плати, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов денеска најави продолжување на протестите со блокади на институциите.

Трендафилов информира дека Советот на ССМ донел одлука протестите за минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на сите останати плати за 100 евра да ескалираат со директни блокади. Првата институција што ќе биде блокирана е Собрание на Република Северна Македонија.

„На 10 февруари, во вторник, нема да им дозволиме на пратениците да дојдат во Собранието со автомобили. Ќе мора пеш да поминат покрај работниците и да објаснат зошто за нив има пари за зголемување на платите, а предлогот на ССМ стои во фиока“, изјави Трендафилов.

Тој најави дека блокадите ќе продолжат и во наредните денови. Во четврток, на 12 февруари, работниците ќе ги блокираат Организација на работодавачи на Македонија, Стопанска комора на Северна Македонија и Сојуз на стопански комори.

Следната фаза е најавена за 17 февруари, кога ССМ ќе ја блокира Влада на Република Северна Македонија. Според најавата, министрите и премиерот нема да можат да пристапат со службени возила, туку ќе мора пеш да минуваат пред насобраните работници.

Доколку Владата и по овие блокади не одговори позитивно на барањата за зголемување на платите, од ССМ најавуваат можност за уште еден масовен протест, по што ќе следи и конечна одлука за генерален штрајк.

error: Содржината е заштитена од копирање !!