MKinformer

your daily dose of news

Угостителите бараат кампања пред казни: прво информирање, па примена на Законот за пушење

03/02/2026 16:33

Угостителите побарале најпрво да се спроведе информативна кампања, а дури потоа да започне примената на Законот против пушењето, на средба со државниот секретар во Министерство за економија и труд.

Како што информира денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, идната недела најверојатно ќе се одржи уште еден состанок, на кој ќе присуствуваат и тој и министерот за здравство, со цел да се разгледаат сите можни решенија поврзани со имплементацијата на законот.

Дурмиши не прецизираше дали ќе има пролонгирање на примената на Законот, која според најавите треба да започне од 1 март, но нагласи дека основната цел останува заштитата на јавното здравје.

„Ги слушнавме забелешките на угостителите, кои побараа одреден временски период до стапување во сила на Законот. Тие предложија најпрво да има кампања и информирање, а потоа да започне примената, за да бидат подготвени. Ние ќе ја повториме целта на Законот и на крај ќе донесеме одлука што ќе биде прифатена од сите засегнати страни“, изјави Дурмиши.

Тој додаде дека конечната одлука ќе биде донесена по консултација со сите чинители, вклучувајќи ги и угостителите, со цел да се најде балансирано решение меѓу интересите на стопанството и заштитата на здравјето на граѓаните.

Изјавата министерот ја даде по настанот во Влада на Република Северна Македонија, на кој беше презентиран Законот за работно ангажирање лица.

error: Содржината е заштитена од копирање !!